
Заменик министерката за животна средина и просторно планирање, Ане Лашкоска, оствари работен состанок со Рита Колумбија, Постојана координаторка на Обединетите Нации, и со Емилија Симоновска, проект-менаџерка на УНОПС во нашата држава. Средбата се одржа во духот на зајакнување на институционалната и меѓународната соработка, имајќи ја предвид потребата од интегриран пристап во справувањето со предизвиците во животната средина и усогласувањето со глобалните агенди за одржлив развој.
Во текот на разговорот беа разгледани можностите за продлабочување на заедничките активности.Соговорничките разменија мислења за потребата од поддршка на иновативни решенија и модерни технологии кои ќе обезбедат поодржливо управување со природните ресурси и ќе го намалат притисокот врз животната средина.
Посебен акцент беше ставен и на можноста за развивање на регионални и локални проекти кои ќе овозможат зајакнување на отпорноста на локалните заедници кон климатските ризици, преку воведување на нови модели на зелена инфраструктура, управување со ризиците по живитната средина и промовирање на циркуларна економија. Воедно беше истакната и важноста од поддршка на општините и локалните институции во спроведувањето на практични мерки, кои ќе ја зголемат енергетската независност и ќе придонесат за создавање нови економски можности.
Средбата претставуваше можност и за разгледување на рамката за идни заеднички проекти, финансирани со поддршка на Обединетите Нации и нивните агенции, кои би можеле да вклучат програми за едукација и подигање на јавната свест за климатските промени, како и градење на капацитети во институциите на локално и државно ниво.
Заменик министерката Лашкоска ја нагласи посветеноста на Министерството за животна средина и просторно планирање кон унапредување на соработката со меѓународните партнери, истакнувајќи:
„Одржливиот развој и заштитата на животната средина се заедничка одговорност. Со поддршка од Обединетите Нации и нивните агенции, можеме да креираме долгорочни решенија кои ќе придонесат за почиста животна средина, поефикасно користење на енергијата и подобар квалитет на живот за сите граѓани.“
На крајот од состанокот беше истакната заедничката определба за континуирана соработка и создавање на нови иницијативи кои ќе придонесат за подобрување на квалитетот на живот на граѓаните, постигнување на повисоки стандарди за заштита на животната средина и целосно усогласување со европските и глобалните цели за одржлив развој.