
Заменик министерката за животна средина и просторно планирање, Ане Лашкоска, заедно со Беса Татеши – Раководител на одделение за интегрирано спречување и контрола на загадувањето при МЖСПП, денеска во Пробиштип присуствуваа на работен состанок со компаниите од регионот, кој се одржа во фабриката за акумулатори „ТАБ МАК“.
На состанокот учествуваа претставници од компаниите „ТАБ МАК“, „Рудник Булмак 2016“ и „Кранфилд“. Средбата помина во конструктивна и продуктивна атмосфера, при што беше претставен новиот Закон за контрола на индустриски емисии и беа разгледани предизвиците што ќе произлезат од неговата примена, како за индустриските капацитети, така и за Министерството за животна средина и просторно планирање и локалните самоуправи.
сто така, беше отворена дискусија за постапките поврзани со издавањето на А интегрирани дозволи, со цел навремено усогласување и олеснување на процесите.
Во својата изјава, заменик министерката Лашкоска истакна: „Овие средби се од големо значење бидејќи ни овозможуваат заедно со индустриските капацитети да ги усогласиме нашите чекори и да обезбедиме поефикасна примена на законите, со што директно придонесуваме за заштита на животната средина и подобар квалитет на живот за сите граѓани.“
Средбата заврши со заедничка согласност дека континуираниот дијалог и соработката помеѓу Владата и приватниот сектор се клучни за успешно спроведување на еколошките стандарди и за одржлив развој на нашата држава.