Интегрално обраќање на министерот за животна средина на денешната прес конференција пред центарот на Владата

Announcements
Пожарот кој вчера избувна во објект за рециклирање на батерии и електронски отпад во село Трубарево е целосно изгаснат и локализиран. Борбата траеше повеќе од 15 часа, и екипите од повеќе институции со интензивна и координирана борба успеаја да спречат не
14.09.2025
Почитувани граѓани, почитувани претставници на медиумите

Пожарот кој вчера избувна во објект за рециклирање на батерии и електронски отпад во село Трубарево е целосно изгаснат и локализиран. 

Борбата траеше повеќе од 15 часа, и екипите од повеќе институции со интензивна и координирана борба успеаја да спречат неково ширење. 

Благодарност до сите институции што беа вклучени во интервенцијата – пожарникарите, инспекторатите, МВР, Центарот за управување со кризи и нашите екипи од Министерството за животна средина – кои беа на терен без прекин, од моментот кога ја добивме првата пријава околу 14:00 часот. 

Огромна благодарност до жителите на Трубарево и на сите граѓани на смиреноста, одговорност и солидарноста која ја покажаа и за следењето на инструкциите кои ги дадовме како влада. 

Објектот во Трубарево поседува важечка дозвола за управување со отпад, издадена од Министерството во 2021 година со важност до 2031 година. 

За целосна транспарентност, веднаш ангажиравме акредитирани лаборатории за мерење на квалитетот на воздухот, како од Државниот инспекторат, така и од надворешни специјализирани тела. 

Државниот инспекторат за животна средина веднаш по добивање на информацијата за опожарување во 13.30 часот се упати на лице место каде што е настанат пожар во објект кој го користи правен субјект Ф-Групација, во Трубарево. 

Во текот на надзорот беа извршени мерења од акредитирана лабораторија за животна средина Еуромак Контрол од Скопје и поставен е 24 часовен мерач за квалитетот на амбиентниот воздух. Потоа направени се мерења од Лабораторијата за животна средина при МЖСПП. На терен беше и посебната единица на АРМ за РадиоБилошко и Хемиско Загадување која исто така направи мерења.  

Во текот на денешниот ден останата акредитирана лабораторија за животна средина АМБИКОН при УГД Штип ќе изврши дополнителни последователни мерења во наредните 5 денови со поставување на посебен станичен инструмент. 

Денес е започнат административниот инспекциски надзор кај правниот субјект, од кој ќе бидат земени сите потребни документи. По завршување на инспекциската постапка, ќе бидат извештени сите надлежни органи и јавноста.

По завршување на надзорот ќе бидат превземени сите мерки: земање на мостри од почва, ќе биде нарачано вештачење за утврдување на точност во колкава мера било загадувањето врз животна средина. 

Државните институции и понатаму ќе останат на терен и ќе продолжат со работа сè додека не се расветлат сите аспекти на случајот. 

Ќе бидеме транспарентни до крај. Вашата безбедност е наш приоритет. 

Но, како што сите знаеме, овој инцидент е трет пожар поврзан со отпад во многу краток временски период, Трубарево се случи веднаш по Вардариште и Дрисла.  

Ова е аларм кој бара сериозна институционална мобилизација, која веќе е во тек. 

Очекуваме инцидентот да се расветли и причините односно причинителите, да бидат јавно обзнаени.

 

Благодарам.

 

Submitted by alfa4 on 14.09.2025 - 15:30