
Денеска, во повеќе општини во државата, како и во цела Европа, под мотото "Комбинирај и движи се" започна одбележувањето на Европската недела на мобилност (од 16-22 септември), која оваа година се организира на тема „Мобилност за сите“.

Многу луѓе се соочуваат со предизвици како што се високите трошоци или недостатокот на опции за транспорт што го ограничуваат нивниот пристап до работни места, образование и основни услуги - ова е познато како транспортна сиромаштија. Во 2025 година, Европската недела на мобилност нè поканува да се стремиме и да градиме општество каде што транспортните услуги се достапни, пристапни, прифатливи, инклузивни и безбедни, но и да создадеме услови каде јавниот превоз, пешачењето и возењето велосипед се одржливи опции за сите. Да им помогнеме на локалните заедници и домаќинствата да се прилагодат на современите општествени промени преку поддршка на прифатливи и одржливи решенија за мобилност.
Целта е да се упати силна порака дека треба да се поттикне синергијата помеѓу луѓето и локациите, и да се искористи нивната експертиза, креативност и посветеност при подигање на свеста за одржлива мобилност и при промоција на промени во однесувањето во корист на активна мобилност. Овогодинешната тема ја одразува потребата на сите жители во Европа, да си помогнеме меѓусебно и да создадеме услови каде јавниот превоз, пешачењето и возењето велосипед се одржливи опции за сите.
Како национален координатор, Министерството за животна средина и просторно планирање, покрај градовите, од кои секој поодделно се носители и организатори на активностите во своите урбани средини, ги поканува и сите граѓани, невладини организации, општествено одговорни компании и целиот цивилен сектор во нашата држава, да се приклучат во оваа европска кампања. Воедно, МЖСПП ги повикува сите чинители на општествениот живот во текот на овие 7 дена да ги споделат своите најдобри практики за урбана мобилност и да преземаат чекори и мерки кои ќе овозможат јаглеродно неутрална средина (односно јаглеродно неутрален континент) што е и долгорочната цел на Европската недела на мобилност, и да се приклучат во одбележувањето на 22 Септември - Денот без автомобили, со затварање на главните улици за сообраќај и организирање на велосипедско дефиле.
До денес, за учество во одбележување на Европската недела на мобилност 2025 во нашата држава, се вклучија градовите Велес, Струмица, Прилеп, Струга, Кавадарци, Кочани и Тетово, а останатите градови сеуште имаат можат да се пријават на https://registration.mobilityweek.eu/login.php?lang=mk.
Како информација, во Европската недела на мобилност со свои активности низ цела Европа и светот оваа година на стартот на неделата се пријавени 2010 градови од 44 држави од Европа и светот.