
Скопје, 13.09.2025 Министерството за животна средина и просторно планирање ја информира јавноста дека денес избувна пожар во објект за рециклирање на батерии и електронски отпад.
Станува збор за објект кој поседува валидна дозвола за управување со отпад, издадена од Министерството. Надлежните служби веднаш интервенираа и работат на целосно локализирање и гасење на пожарот. За да се обезбедат точни и транспарентни информации во врска со евентуалното влијание врз животната средина и здравјето на граѓаните, Министерството ангажираше акредитирани лаборатории за мерење на квалитетот на амбиенталниот воздух во погодената зона.
Резултатите од овие мерења ќе бидат јавно објавени веднаш по нивната обработка, а првите резултати веќе се очекуваат вечерва! Министерството ќе продолжи редовно и навремено да ја информира јавноста за сите понатамошни активности и наоди поврзани со настанот. Во очекување на резултатите од мерењата, Министерството препорачува граѓаните во погодената област да преземат следниве мерки за заштита:
- Останете дома – Избегнувајте престој на отворено, особено во близина на локацијата на пожарот.
- Затворете ги прозорците и вратите, за да се намали можноста за внесување на загаден воздух во просториите.
- Исклучете надворешна вентилација, Избегнувајте користење на клима уреди и системи без филтри кои вовлекуваат воздух однадвор.
- Заштитете ги ранливите групи – Децата, постарите лица и лицата со хронични заболувања нека останат во затворен простор.
- Користете заштитни маски – Ако е неопходно излегување, носете маски од тип FFP2 или FFP3.
- Бидете внимателни со храна и вода – Темелно измијте овошје и зеленчук од околните градини. Користете само вода од сигурни извори.
- Следете ги официјалните информации, Редовно информирајте се преку каналите на Министерството.
Министерството апелира на смиреност и рационално однесување и уверува дека сите надлежни институции се мобилизирани за следење и управување со состојбата.