Информација за фото конкурс на тема ефекти од климатските промени

Ве информираме дека во тек е фото конкурс #Делувај Сега, на тема „Ефекти на климатските промени“ .

Конкурсот е организиран од страна на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), Француската Амбасада во Скопје и Министерството за животна средина и просторно планирање, со цел да се подигне свеста за ефектите кои ги имаат климатските промени и е во рамките на подготвителните активности пред претстојната конференција за климатски промени (COP21) која ќе се одржи во декември месец во Париз. Сметаме дека е убава можност за учениците кои вредно работат во текот на годината на оваа тема, да се вклучат со индивидуални творби на овој фото конкурс.

Конкурсот е активен на Фејсбук страница #Делувај Сега.

За учество во конкурсот, сите фотографии со кои се пријавуваат учесниците, може да бидат фотографирани со било каков уред, без разлика дали се работи за професионален DSLR апарат, обичен мал фото апарат или мобилен телефон.

Фотографиите треба да ги отсликуваат ефектите на климатските промени во нашата земја и можат да се однесуваат на било која од следните десет категории:

  • Климатските промени и водата
  • Климатските промени и здравјето
  • Климатските промени и туризмот
  • Климатските промени и транспортот
  • Климатските промени и културното наследство
  • Климатските промени и шумите
  • Климатските промени и земјоделството
  • Климатските промени и природните катастрофи
  • Климатските промени и биодиверзитетот
  • Климатските промени и обновливите извори на енергија

Членови од јавноста можат да фотографираат со било која камера и да ги пратат своите фотографии директно во инбокс на фан страната #ДелувајСега на Фејсбук, до 15ти ноември 2015 година, со име и презиме, контакт телефон, наслов на фотографијата и категорија под која што ја пријавуваат или преку електронска пошта на deluvajsega@gmail.com

Наградите ќе бидат доделени на две најдобри фотографии за секоја од десетте категории. Наградите вклучуваат велосипеди и фото-камери.

Победниците ќе бидат селектирани врз база на лајкови на Фејсбук (50%) и врз база на гласови на интернационално жири (50%), најдоцна до 30 ноември 2015 год.

Авторските права на сите фотографии ги задржува сопственикот на истите, а со самото испраќање на фотографиите и вклучувањето со нив во фото конкурсот учесникот дава согласност фотографиите да се искористат само за промотивните цели на овој фото конкурс.