Прес: Координирани активности, соработка на институции и конкретно преземените мерки за справување со отпад

Press_Minister_Nuredini_1Денес во Министерството за животна средина и просторно планирање министерот Насер Нуредини и директорот на Царинска управа на РСМ Ѓоко Танасовски одржаа прес конференција за координираните активности, соработката на институциите за справување со отпадот и за конкретно преземените мерки.

Изјавата на министерот Нуредини ви ја пренесуваме во целост:

Министерството за животна средина и просторно планирање во изминатите две недели ги приоретизираше активностите во областа на управувањето со отпадот, како една од надлежностите на институцијата, и презеде дополнителни активности во обезбедување на проверка на состојбите и подобрување на контролата.

За таа цел, остваривме координативна средба со директорот на Царинската управа на Република Северна Македонија, Ѓоко Танасоски, на која детално беа разговарани начините на вршењето на надзор врз количините на увезен, транзитиран и извезен отпад на територијата на земјата, беа разгледани моменталните пракси на спроведување контрола, како и донесени заклучоци за преземање активности за зајакнување на соработката помеѓу стручните служби во Министерството, Царината и инспекциските служби, преку прецизна регулација на процедурите за соработка, известување и вршење надзор над пратките на отпадот.

Спроведениот вонреден инспекциски надзор пред два дена на граничниот премин Богородица, е еден пример како може институциите координирано да постапуваат. Па така, Царината иницираше вонредна контрола на пратка со РДФ отпад, и тие се координираа со нас и со Државниот инспекторат за животна средина за да ги поддржиме при контролата. Беше извршен увид на документацијата која беше уредна, беа земени примероци од страна инспекторите и царинските служби, а во моментов сме во исчекување на резултатите кои се анализираат од соодветна акредитирана лабораторија, кои ќе бидат споделени со јавноста штом ги добиеме.

Во меѓувреме, по зголемената загриженост на јавноста за отпадот кој се складира и депонира на текот на Дрисла, и промената на сопствеништвото и управувачката структура, оваа недела одржавме прва средба со новоименуваниот в.д. директор на Дрисла – Скопје ДОО, Коста Начески, додека претставници од Министерството и Државниот инспекторат извршија посета на локалитетот во функција на подготовката на идниот план за менаџирање кој треба да биде презентиран.

Разговаравме за фактичката состојба на теренот на депонијата, односно видот, потеклото, количините и начинот на третирањето на отпадот, како и предизвиците во управувањето со претпријатието. Дрисла е депонија и согласно законот и дозволата за работа нема право да се јави како увозник на отпад. Во нашата земја е забранет увоз за складирање и депонирање.

Press_Minister_Nuredini_3Од аспект на подобра контрола на прекуграничните пратки на отпад, инициравме контакт со Бугарското министерство и ја изразивме нашата подготвеност да се продлабочи соработката во рамки на нашата надлежност. Истото ќе го сториме и со другите соседни земји.

Покрај тоа, во рамките на своите надлежности, Управата за животна средина при Министерството работи на обработка на податоците во однос на видот и количините на увезен, извезен и транзитиран отпад низ територијата на Република Северна Македонија, односно регистрите со правни лица кои поседуваат дозволи за оваа намена, со цел нивно споредување со евиденцијата на Царинската Управа и Државниот завод за статистика.

Штом биде извршена соодветната корелација на податоците и регистрите, јавно ќе бидат објавени сите издадени дозволи за увоз, извоз и транзит на отпад и колку всушност од дозволените количините компаниите ги искористиле.

Што се однесува до увозот на опасен отпад, Министерството има единствено издадено дозволи за увоз на опасен отпад од типот “оловни акумулатори“ во количина од 12,500.00 тони, за правни субјекти кои поседуваат дозвола за третман и преработка на истите.Тие потоа се реупотребуваат, препродаваат или извезуваат како производи во и надвор од земјата.

Само една инсталација во државата поседува дозвола за увоз на алтернативно гориво РДФ во количина до 25,000 тони годишно.

Најголемата количина на увезен отпад во нашата земја претставува отпадно железо и челик, кои се класифицирани како неопасен отпад, но инсталациите ги користат како суровина, од која по преработката се добива производ што се пласира на пазарот.

Напоменуваме дека согласно постојниот закон, во земјата е дозволен единствено увозот на отпад што може безбедно да се преработи, без опасност од загрозување на животната средина, животот и  здравјето на луѓето, БЕЗБЕДНО да се користи како суровина или БЕЗБЕДНО да се користи како извор на енергија (согласно ЕУ карактеризациите за алтернативни горива). Увоз на отпад заради складирање и депонирање не е дозволен во нашата земја, и јас како Министер нема да дозволам нашата држава да стане депонија за отпадот од другите земји.

Напротив, ќе дозволиме единствено отворање на пазарот за спроведување на начелата на циркуларна економија, односно преработка, ре-употреба, рециклирање и овозможување на укинување на статусот на отпад преку негова еколошка употреба за намена различна од првичната.