Во Скопје се возеше традиционално велосипедско дефиле и се одбележа Денот без автомобили

den bez avtomobili 2019_1(20.09.2019г.) Денеска Градот Скопје ги затвори најпрометните сообраќајници во центарот на Градот и ги отвори за над 2500 велосипедисти, граѓани, ученици, рекреативци и вљубеници во велосипедизмот – учесници на велосипедското дефиле со кое се одбележа  „Денот без автомобили 2019“.

Во дефилето на велосипедистите им се приклучија државниот секретар при Министерството за животна средина и просторно планирање Ана Петровска, в.д шефот на делегацијата на ЕУ Џулијан Васало, градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов, дел од дипломатскиот кор во Македонија и други видни личности од општествениот живот на Скопје.

Велосипедското дефиле заврши кај Школката во Градски парк каде беше организирана лотарија за учесниците и на повеќе среќни добитници им беа доделени велосипеди, кациги и дополнителна опрема за велосипедисти што ги обезбедија Градот Скопје, Министерството за животна средина и просторно планирање и Титан Цементарница Усје .

Дефилето е спроведено во рамки на Европската недела на мобилност која се одбележува во 13 градови во државата и во 3000 градови во Европа и светот, од 16-22 септември, под мотото „Пешачи со нас“.

Со различни содржини и настани Неделата се одбележува и во Велес, Берово, Прилеп, Битола, Штип, Неготино, Кочани, Гевгелија, Струмица, Охрид, Крива Паланка, Тетово, Лозово, скопските општина Карпош, и Шуто Оризари.

Оваа европска иницијатива е поддржана од Делегацијата на ЕУ во Македонија и ЕУ Инфо Центарот, Скопје.