Ќе се промовира екотуризмот во заштитените подрачја

Заменик министерката за животна средина и просторно плaнирање Христина Оџаклиеска денеска, имаше интервју со основачот на асоцијацијата Wild Europe, Јетмир Трошани, при што се разговараше за промоцијата на екотуризмот во заштитените подрачја во нашата држава.

Заменик министерката Оџаклиеска истакна дека Министерството за животна средина и просторно планирање континуирано имплементира активности за валоризација и ревалоризација на заштитените подрачја и за прогласување на нови заштитени подрачја.

Ќе се промовира екотуризмот во заштитените подрачја

- Министерството, во соработка со јавните установи на националните паркови, има подготвено повеќе студии за туристички развој на националните паркови, со оглед на специфичните природни вредности и услови во заштитените подрачја. Воедно, во идниот развој на туризмот и користењето на просторот во заштитените подрачја, активно е вклучено и локалното население и другите релевантни чинители.

Нашата земја бележи значителен прогрес во областа на заштита на природата. Заштитените подрачја денес зафаќаат 13.9% од територијата на нашата земја, што ги надминува проекциите од 11.5% пропишани во Студијата за заштита на природното наследство изработена за Просторниот план на Македонија (2004).