Средба со амбасадорот на Индија: Можности за соработка во искористување на сончева енергија како одржлив начин на транзиција кон јаглеродно неутрална иднина

Министерот за животна средина и просторно плaнирање Насер Нуредини оствари работна средба со амбасадорот на Индија Санџај Рана. Амбасадорот информираше за можностите за вклучување на МЖСПП и на нашата држава во активности што на глобално ниво се нудат и се поврзани со заштита на животната средина особено во користењето на обновливи извори на енергија. Имено Индија е членка на Меѓународната соларна алијанса во која членуваат 110 земји членки и која работи со владите кон подобрување на пристапот до енергија и промоција на сончевата енергија како одржлив начин на транзиција кон јаглеродно неутрална иднина. Амбасадорот Рана ја најави мисијата на Алијансата да отклучи околу 1 трилион долари за инвестирање во сончева енергија до 2030 година, подобрување и истовремено намалување на цената на технологијата и нејзино финансирање.sredba_Nuredini_ambasador Indija

Исто така, амбасадорот Рана го најави претседавањето на Индија со Г20 групата во 2023 година која што е главен светски форум за меѓународна економска соработка што игра важна улога во обликувањето, зајакнувањето и владеење за сите главни меѓународни економски прашања.

Дополнително, на средбата се договараше учеството на министерт Нуредини на виртуелната министерска конференција што во јануари на 2023 г. ќе се организира од страна на Владата на Индија. Во министерската сесија ќе учествуваат 16 министри за животна средина и ќе дискутираат за одржлив развој, балансиран развој со климатски акции, приоритети на држави ранливи на климатските промени, градење на климатска отпорност и справување со други предизвици.