Се усовршува системот за Регистрирање на испуштање и пренос на загадувачи во регионот

1(08.11.2016г.) Да се направи увид во актуелните случувања поврзани со спроведувањето на Протоколот за Регистри на испуштање и пренос на загадувачки материи, да се разменат искуства и применети знаења со државите кои имаат понапредни РИПЗ системи, како и да се направи прилагодување на РИПЗ системите за да се овозможи нивен поефикасен развој, се главните предизвици на дводневната субрегионална работилница на тема „Успесите, предизвиците и најдобрите практики во развојот на Регистри на испуштање и пренос на загадувачи (РИПЗ) во земјите од Западен Балкан и Република Молдавија“ која денеска и утре се одржува во Скопје.

Работилницата е организирана како резултат на соработката на Министерството за животна средина и просторно планирање и Регионалниот центар за животна средина за Централна и Источна Европа (РЕЦ) во рамките на проектот „Подршка за воспоставување и развој на Протоколот на Регистри на испуштање и пренос на загадувачи во Земјите од Западен Балкан и во Република Молдавија“,

Заменик министерот за животна средина и просторно планирање Стево Темелковски во поздравното обраќање ја истакна важноста на достапноста на информациите заиспуштања и пренесување на загадувачи и трансфер на отпад во медиумите на животна средина со што се обезбедува учество на јавноста при донесување на одлуки во областа и постигнување на крајната цел – преземање на соодветни акции за намалување на загадувањето.

- Со реализацијата на овој проект се овозможува зајакнување на капацитетите на надлежните органи, инсталациите и НВО за имплементација на РИПЗ  Протоколот во пракса.  Oсобена улога во процесот на воспоставување и одржување на функционален регистар е индустријата, која преку доставување на бараните извештаи придонесува за успешно спроведување на барањата на Протоколот. На тој начин индустријата демонстрира општествена одговорност и овозможува пристап до информациите за нивните активности и емисиите на загадувачките материи во животната средина – истакна во таа прилика заменик министерот Темелковски.

 

На работилницата покрај претставниците на македонското Министерство за животна средина и просторно планирање присуствуваа и експерти и претставници од ресорните министерства на Албанија, Србија и Молдавија, како и високи претставници од РЕЦ, Германската амбасада во Македонија и од Делегација на ЕУ.

 

Инаку, како појаснување Регистарот на испуштање и пренос на загадувачки материи е сеопфатна база на податоци на националните информации за емисиите на загадувачи. РИПЗ претставува годишно ажурирани информации за емисиите на 91-на загадувачка материја во медиумите и областите на животната средина (воздух, вода и почва) како и трансфер на истите надвор од локацијата. Таа, исто така, вклучува информации и податоци за спречување и контрола на загадувањето на животната средина.