Оџаклиеска на состанок за проектот „Патоказ за вашата еко-паметна општина“

Заменик министерката за животна средина Христина Оџаклиеска денес одржа состанок со претставници на здружението Центар за климатски промени кое активно работи за заштита на животната средина. Тема на состанокот беа активностите во рамки на проектот „Патоказ за вашата еко-паметна општина“, кој го спроведува Центарот за климатски промени, а е финансиран од Американската Амбасада во Скопје. 

Поддршка за овој проект даде и Оџаклиеска, во име на Министерството за животна средина и просторно планирање, кое ќе се вклучи во промоција на проектните активности и советодавно ќе го поддржи процесот на подготовка на Патоказот, особено во делот на идентификување на клучните проблеми и идентификување на проблемите од областа на животна средина на локално ниво.

Оџаклиеска на состанок за проектот „Патоказ за вашата еко-паметна општина“

На состанокот се дискутираше и за критериумите кои ќе бидат одредени за избор на општини кои би се вклучиле во проектот, како и за заедничката цел, а тоа е да се обезбеди здрава и чиста животна средина и одржлив локален развој преку зголемена употреба на обновливи извори на енергија, зголемен удел на зелени површини, подобрена енергетска ефикасност во јавните згради, примена на нови технологии и промовирање на одржливи начини на транспорт во секојдневниот живот.

Се очекува проектот да придонесе и за зголемување на јавната свест и за усвојување на нови знаења меѓу младите и локалното население, за важноста од преземање активна улога во заштитата на  животната средина и борбата со климатските промени.