Оџаклиеска: Со поддршка на МЖСПП, Скопје ја доби првата „Мала урбана шума“ на Балканот

1Заменик министерката за животна средина и просторно плaнирање Христина Оџаклиеска денеска, во дворот на Институтот за патофизилогија и нуклеарна медицина, присуствуваше на презентацијата на резултатите од имплементација на проектот „Мали урбани шуми“ .

Проектот го реализираше невладината организација „Зелена планета за сите“, во соработка со Министерството за животна средина и просторно плaнирање, кое ги препозна придобивките од употреба на методата на создавање на мали урбани шуми и одвои средства преку Програмата за инвестиции во животната средина за 2021г., и партнерите ЈЗУ Институт за патофизиологија и нуклеарна медицина „Исак Таџер“ и Градинарскиот центар „Фоја“.

Во своето обраќање, заменик министерката Оџаклиеска се осврна на фактот дека градежната експанзија во урбаните средини го намалува просторот за зелени површини околу објектите, го зголемува аерозагадувањето, го намалува природното проветрување и капацитетот на природата за апсорција на штетни гасови, меѓутоа и дека постојат решенија кои го надополнуваат зеленилото, како што се зелените кровни градини и ваквите мали „џепни“ урбани шуми.

- Денес, Скопје ја доби првата Мала урбана шума на Балканот. Тоа е овозможено со методот воведен од јапонскиот ботаничар, Акира Мијаваки, заснован на ремедијација на просторот со автохтони сорти на дрва и грмушки, а придобивките се признати и потврдени и од Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации. Очекувам дека оваа мала зелена оаза ќе биде добар и мултиплициран пример на пејсажното уредување во нашите градови бидејќи дава повеќекратни придобивки за многу краток временски период – истакна заменик министерката Оџаклиеска.

Во рамки на настанот беше организирана посета на Мијаваки шумата во дворот на Институтот, а присуствувааповеќе високи гости, меѓу кои заменик-министерот за здравство, Владимир Рендевски и амбасадорот на Јапонија во Република Северна Македонија, Н.Е. Хиронори Савада, кој воедно направи и увид во медицинската опрема набавена преку јапонската „Грант програма за мали проекти“ (GGP), ехо-апарат кој се користи веќе две години и кој овозможува најсовремена форма на ултразвучна дијагноза, со цел да се избегнат комликациите кај пациентите со заболувања на штитната жлезда.