Отворена GREDIT2022 конференцијата фокусирана на проблематиката на животната средина

Megjunarodna konferencija GREDIT2022Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини денеска говореше на отварањето на меѓународната научна конференција GREDIT2022 (Green development, green infrastructure, green technology), посветена на проблематиката на животната средина.

Во своето обраќање тој ја истакна важноста на соработката во заштитата на животната средина и нагласи дека преку развивање и имплементација на одржливи на политики и инвестиции, можат да се унапредат и економските и еколошките цели.

Посочувајќи дека задачата на централните власти е да креира и донесува закони, да спроведува реформи, да обезбеди инвестиции и да создаде услови за одржлив развој, министерот Нуредини порача дека одговорноста за обезбедување на одржлива иднина за наредните генерации е заедничка, науката да истражува и нуди иновативни решенија, а сите заедно како индивидуи да се грижиме за животната средина, да ги менуваме потрошувачките навики, да го селектираме отпадот, да се грижиме за природата.

На отварањето се обратија и проф. Никола Јанкуловски, ректор на Универзитетот „Св Кирил и Методиј“, проф. Дарко Данев, декан на Машинскиот факултет и заменик претседател на Балканската асоцијација за животна средина БЕНА, Цанер Занбак.

Конференцијата ќе трае до 8 мај, а пријавени се преку 200 трудови од научници од 15-тина земји со фокус на темите: загадување на воздух, вода и почва; обновлива енергија; менаџментот со урбаниот и индустрискиот отпад; енергетска ефикасност; климатски промени; здравствени аспекти на загадувањето на животната средина; агро-екологија и менаџирање со еколошките ризици.

Организацијата е на Машинскиот факултет Скопје, Факултетот за електротехника и информациски технологии при Универзитетот Св. Кирил и Методиј и БЕНА (Балканска асоцијација за животна средина) со поддршка од Здружението 6-та Ѕвезда.