НУРЕДИНИ оствари интензивни средби со високи претставници на ЕУ држави

1(2.06.2022г. Стокхолм) На маргините на меѓународната конференција на Обединетите нации за здрава планета, Стокхолм +50, министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини оствари интензивни работни средби со високи претставници на ЕУ држави. На средбата со норвешкиот министер за клима и животна средина Еспен Барт Еиде министерот Нуредини упати благодарност за поддршката на Норвешка во спроведувањето на еден од најголемите проекти за отстранување на историскиот отпад во Северна Македонија, чистењето на опасниот отпад од поранешниот индустриски гигант Охис, а разговараа и за реализација и на други заеднички проекти за заштита на животната средина.

Министерот Нуредини се сретна и со еврокомесарот за животна средина, океани и рибарство Вирџиниус Синкевичиус и со бугарскиот вицепремиер Борис Сандов при што разговараа за состојбите со животната средина и ја потенцираа потребата од зајакнување на прекуграничната соработка со Бугарија во правец на постигнување на европските стандарди и национално поставените цели, како и за понатамошните амбиции.

Исто така, министерот Нуредини се сретна и со швајцарскиот државен секретар Катрин Шнебергер, при што разговараа за поддршката што Швајцарската Влада и ја дава на Северна Македонија, особено во делот на заштита на природата преку Програмата за заштита на природата и нивната вклученост во процесите за прогласување на Осогово и Малешево за заштитен предел, но и за континуираната поддршка за управувањето со отпадот, особено во Полог.