Нуредини: Драго ми е што санацијата на Русино конечно започна, очекувам соработка од сите градоначалници од регионот за решавање на отпадот во Полог

Nuredini_RusinoМинистерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, заедно со претставници од Центарот за развој на Полошкиот плански регион, оствари посета на локацијата Русино во општина Гостивар, каде по издадената наредба од страна на министерот за животна средина, веќе се спроведуваат брзите мерки за санирање на последиците по животната средина од работењето на постојната локација за отстранување на отпад во Русино.

Ангажираниот изведувач „Пелагонија А.Д. Гостивар“ го информираше Министерот за статусот на реализација на планираните активности, и согласно извршениот увид работите на пристапниот пат и вагата за мерење на возилата кои транспортираат отпад за депонирање се во тек. Мерењата и подготвителните активности за изградба на систем за третман на исцедокот кој се состои од насип кој ќе спречува влевање на атмосферски води во веќе депонираниот отпад, канал, резервоар и пумпа што ќе го враќа исцедокот во постоечката депонија, се исто така комплетирани, и веќе е започната и нивната изведба согласно динамичкиот план.

„Драго ми е што многу задоцнетите работни активности за рехабилитација на Русино конечно се во тек и се надевам дека градоначалниците ќе започнат вистински да соработуваат за да се реши прашањето со управување на отпадот во целиот Полошки регион. По оваа посета, јас имам закажано и средба со нив на истата тема“, изјави Нуредини од локацијата.

За брзите мерки се обезбедени средства преку Проектот за воспоставување на новиот регионален самоодржлив систем за управување со комунален отпад во целиот Полошки регион преку грант од Швајцарската Владa.

Овие активности претходно не беа спроведени поради административно одоговлекување на постапките, заради што министерот Нуредини, согласно начелата за превенција и висок степен на заштита од Законот за животна средина, издаде наредба со која ќе се спречи натамошното зголемување на акумулацијата на полутанти во сите медиуми на животната средина во пошироката околина и загрозување на здравјето на луѓето.

Успешното завршување на овој проект е предуслов за обезбедување на дополнителни средства за изградба на санитарната депонија.