Заменик министерката Оџаклиеска на министерски состанок на UNECE за урбан развој, домување и управување со земјиште

Заменик министерката Оџаклиеска на министерски состанок на UNECE за урбан развој,Заменик министерката за животна средина и просторно плaнирање д-р Христина Оџаклиеска учествуваше на министерски состанок, што како дел од 82-та сесија на Комитетот за урбан развој, домување и управување со земјиште на UNECE, од 6 до 8 октомври се одржува во Женева, со можност за онлајн вклучувања.

Во своето обраќање, заменик министерката Оџаклиеска истакна дека потребата од брзи и ефикасни решенија во услови на Ковид-19 пандемијата се поклопува со ургентноста за справување со климатските промени, додавајќи дека за двете кризи мора да се изработи заедничко решение, а програмите за закрепнување мора да ја поттикнат глобалната економија кон одржлив раст и зголемена отпорност.

- Денес нашите локални системи се борат да се адаптираат и да се развијат со оглед на непредвидливоста на климатските промени. Она што ни треба е цврста конекција помеѓу стратешките планови на повисоко и пониско ниво во однос на меѓусебното информирање за креирањето на политики за климатските промени, и блиска соработка со заедниците, граѓаните и сите останати засегнати страни во процесот на подготовка на просторните планови. Како заменик министер за животна средина и просторно планирање, сакам да истакнам дека веќе спроведовме активности за вклучување на прашањата за климатски промени во сите аспекти во просторното планирање и ќе продолжиме посветено да работиме за да овозможиме „позелена“ животна средина на граѓаните, прилагодена на нивните урбани потреби.

Тема на министерскиот состанок беше „Достапно, соодветно и издржливо домување во градовите за живеење, вклучувајќи ги и градовите кои се соочуваат со екстремни временски услови“, а настанот овозможи регионална размена на искуства и добри практики за промовирање на пристап до соодветно, достапно и здраво домување, како дел од реакцијата на државите на пандемијата Ковид -19 и плановите за закрепнување од истата. Воедно, дискусиите се фокусираа и на развојот на иновативни и одржливи финансиски системи за прифатливо и енергетски-ефикасно домување, за реновирање на станови, за промоција на социјално-просторна кохезија, како и за надминување на нееднаквостите.