Скопје на велосипед го одбележа Денот без автомобили

den-bez-avtomobili_1

(22.09.2016г.) На последниот ден од Европската недела на мобилност, неколку илјади граѓани, ученици, рекреативци и вљубеници во велосипедизмот, денеска во Скопје учествуваа во велосипедското дефиле со кое беше означен 22 септември – Денот без автомобили.

На велосипедистите во парадата им се приклучија министерот за животна средина и просторно планирање Башким Амети, заменик претседателот на влада задолжен за европски прашања Арбр Адеми, евроамбасадорот Самуел Жбогар, амбасадорите на Холандија и Италија, претставници на Градот Скопје и други видни личности од општествениот живот на Скопје кои иднината на Градот ја гледаат во развојот на одржливата и паметна мобилност.

Велосипедското дефиле заврши кај Школката во Градски парк каде беше организирана разновидна забавна програма, а повеќе среќни добитници си заминаа дома со нови велосипеди што ги обезбедија Градот Скопје, Министерството за животна средина и просторно планирање и цементарница „Усје“, како општествено одговорна компанија.