СООПШТЕНИЕ за прекинување на јавната расправа

СООПШТЕНИЕ  за прекинување на јавната расправаМинистерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) согласно член 95 од Законот за заштита на природата постапувајќи по предлог иницијативата на Советот на општина Охрид, а со претходно јавно објавена информација за ден 14.09.2021г. имаше закажано одржување на Јавна расправа по нацрт Закон за прогласување на Студенчишко Блато за парк на природата, врз основа на член 6 од Уредбата за учество на јавноста (Службен весник бр.147/2008). 

Целиот процес МЖСПП го води транспартено при штo на ден 16.06.2021 на Единствениот национален електронски регистар на прописи во РСМ (www.ener.gov.mk) се објави Известување за јавноста дека започнува постапка за донесување на Закон за прогласување на Студенчишко Блато за парк на природата. Нацрт-Законот и другите придружни документи беа објавени на ден 24.06 2021 година додека пак Нацрт извештајот за Проценка на влијанието врз животаната средина за донесување на Нацрт-Законот за прогласување на Студенчишко Блато за парк на природата беше објавен на ден 21.07.2021 година. Исто така сите овие документи беа објавени и на веб страната на МЖСПП (www.moepp.gov.mk).

Јавната расправа по Нацрт на Закон за прогласување на Студенчишко Блато за парк на природата беше закажана да се одржи виртуелно преку ЗООМ платформата и хибридно во Салата на општина Охрид. 

 

Заради транспарентост во постапката и вклучување на локалното население беше обезбедена ре-продукција во живо на јавната расправа во општина Охрид со цел продолжување на транспарентно одвивање на процесот. 

Локалното население можеше да ја следи и учествува на јавната расправа преку видео бим кој беше поставен во големата општинска сала во општина Охрид со кој ќе се овозможеше учесниците на Јавната расправа, да ги достават своите забелешки усмено или писмено по доставениот предлог за прогласување на Заштитеното подрачје – Студенчишко Блато до МЖСПП.

За време на јавната расправа од група на граѓани сопственици на приватни имоти во Студенчишко Блато, преку овластен адвокатски застапник беше побарано одложување на јавната расправа поради неразјаснети прашања во врска со имотите во Студенчишко Блато. Истото барање беше доставено и по писмен пат за кое МЖСПП во најкус можен рок одговори. За време на јавната расправа Градоначалникот на Охрид како подносител на иницијативата за прогласување на Студенчишко Блато за заштитено подрачје во категоријата парк на природата побара да се прекине јавната расправа и наведе дека ќе организира состаноци со граѓаните на Охрид, сопственици на имоти во Студенчишко Блато заради усогласување во однос на користење на имотите во Студенчишко Блато, по што во друг тремин јавната расправа повторно би се закажала.

МЖСПП ќе продолжи со постапката за прогласување на Студенчишко Блато за парк на природа по одржување на јавната расправа, што е обврска од Законот за заштита на природата

Би сакале да известиме дека додека трае постапката за прогласување на локалитетот Студенчишко Блато за заштитено подрачје во категоријата парк на природата, согласно член 97 став (2) од Законот за заштита на природата министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини донесе Решение за привремена заштита на Студенчишко Блато бр. 164/2021 (Сл. Весник на РСМ од 19.07.2021). Привремената заштита на подрачјето ќе се применува до денот на влегувањето во сила на Законот со кој ќе се прогласи Студенчишко Блато за заштитено подрачје, а кој е во завршна фаза на изработка. 

Согласно Решението за привремена заштита на Студенчишко Блато, за времетраењето на привремената заштита на подрачјето нема да се спроведуваат активности од: постоечкиот ГУП на градот Охрид во делот на Урбана Заедница – УЗ 17, Урбан блок – У.Б 17.1, како и изработка и донесување на урбанистички планови и урбанистички проекти, урбанистички проекти за партерно уредување на просторот, спроведување на постапкa за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти, спроведување на постапка за трајна пренамена на земјоделско во градежно земјиште, одлагање на шут и комунален отпад, употреба на хемиски заштитни средства и минерални ѓубрива за земјоделски активности, доделување на нови или продолжување на постоечките концесии согласно прописите за концесии и јавно приватно партнерство, прописите за градежно земјиште, како и прописите од областа на лов и риболов и проширување или изградба на нови патишта.