Светска банка со отворена поддршка за имплементација на Планот за чист воздух

Makraduli_sredba_Svetska_Banka_Istanbul_1(24.09.2019г.) Денеска, заменик министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули учествуваше на настанот на тема „Предизвици и можности за управување со квалитетот на воздухот во Источна Европа и Централна Азија“ организиран од Светска банка, во рамки на 18тиот Светски конгрес за чист воздух кој се одржува во Истанбул, Република Турција.

Во своето излагање, Макрадули, предложи формирање на Регионално тело за земјите од Западен Балкан, во рамки на Светска банка, кое ќе работи на изготвување на база на податоци за прекугранично аерозагадување, ќе споделува искуства и добри пракси, а воедно ќе овозможува и поголема достапност до финансиските инструменти.

За време на одржувањето Светскиот конгрес, заменик министерот Макрадули оствари и работна средба со претставници на Светската банка на која тие дадоa отворена и силна поддршка за имплементација на Планот за чист воздух на РСМ, истакнувајќи дека во истиот се содржани конкретни мерки за справување и решавање на проблемот со аерозагадувањето, со кој се соочуваат голем број на држави во регионот и пошироко.

На средбата, по предлог на претставниците на Светска банка, беше договорено Република Северна Македонија, да биде домаќин на Регионалната конференција и работилница за управувањето со квалитетот на воздухот за земјите од Западен Балкан, која ќе се одржи кон крајот на месец ноември 2019 година.