Промовирани трите мобилни станици за мерење на климатски параметри во градот Тетово

foto 024(11.05.2016г), Денес, министерот за животна средина и просторно планирање Башким Амети и ректорот на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово, проф. д-р Замир Дика ги промовираа трите мобилни мерни енергетски самоодржливи станици за мерење на климатски параметри за градот Тетово, поставени во реонот на Универзитетот.

Промоцијата на станиците оспособени за безжичен трансфер на измерените вредности до централната база на податоци, е во рамки на проектот „Истражување, дизајнирање и реализирање на пилот проект за мерење на климатски параметри преку мрежата на мобилни електронски самоодржливи мерни станици со визуализација на мерените вредности“, кој е финансиран од Програмата за инвестиции во животната средина за 2015 година и е со вредност од 1.000 000 денари.

Станиците се опремени со соодветни сензори за мерење на параметри на воздухот, насока и брзина на ветер и количина на дожд. Станува збор за калибрирани сензори со високо ниво на точност, кои ќе овозможат пореално утврдување на причинителите за загадување, нивната местоположба и количина. Дополнително, станиците имаат и ГПС сензор за позиција во просторот, со што еднозначно ќе може да се утврди и локацијата на мерење.

Во рамки на посетата, се разговараше и за реализација на проектот „Спроведување на методологијата и оперативните активности при процесот за реализација на иницијативата за прогласување на Шар Планина за национален парк“.