Петровска на работилница „Акција против климатските промени СЕГА“

Petrovska_rabotilnica_2(01.10.2019г.) Државниот секретар при Министерството за животна средина и просторно планирање, Ана Петровска со свое излагање се обрати на работилницата на тема „Акција против климатските промени СЕГА“, која денес се одржа во хотелот Солун во Скопје.

На работилницата државниот секретар Петровска, во својата презентација ги образложи националните придонеси на нашата држава кон Парискиот договор за намалување на климатските промени, со главен акцент на моменталниот пресек на состојбите. Направен е осврт на она што преостанува да се реализира во наредниот период, но и што се Владата досега има направено на планот на намалување на влијанието на климатските промени во државата по сектори и тоа во енергетиката, индустријата, транспортот, земјоделието, градежниот сектор и др.

На конференцијата се обратија и поранешниот европратеник од Австрија Томас Вајс, претседателката на „Зелен институт“ Наташа Амдију, претседателката на зелената партија ДОМ Маја Морачанин, деканот на Шумарски факултет при УКИМ Кирил Сотировски, професорот од Факултетот за земјоделски науки и храна при УКИМ Зоран Димов, како и Наташа Доковска од здружението на граѓани „Новинари за човекови права“ и Елена Николовска од НВО „Еко-Свест“ од Скопје.

Целта на работилницата е да се подигне свеста за климатските промени, но и да се вклучат сите сектори во државата, државните органи, бизнис заедницата и невладиниот сектор, да комуницираат и соработуваат со една заедничка цел, а тоа е навремено намалување на влијанието на климатските промени, а со тоа и заштитата на животната средина и здравјето на граѓаните.

Работилницата е во организација на Зелениот институт и зелената партија ДОМ со поддршка од холандската фондација„Biraue de Helling“.