Одржана Јавна расправа за Нацрт-Планот за управување и за Нацрт-Извештајот за стратегиска оцена на животната средина за планот за управување со природното и културното наследство на Охридскиот регион 2019-2028г.

Nuredini_1(11.11.2019 г.) Денеска, во Скопје, во организација на Министерството за животна средина и просторно планирање беше одржана првата од трите Јавни расправи за Нацрт-Планот за управување со природното и културното наследство на Охридскиот регион 2019-2028г. и за Нацрт-Извештајот за стратегиска оцена на животната средина за планот за управување со природното и културното наследство на Охридскиот регион 2019-2028 година.

Во своето поздравно обраќање министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини истакна:

- На Нацрт-Планот за управување со природното и културното наследство во Охридскиот регион и Стратегиската оцена на животната средина од овој план, заеднички работеа Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за култура и Управата за заштита на културното наследство, а во процесот беа вклучени општините и други надлежни институции. Очекуваме во финализирањето на Планот да се вклучат и надлежните институции од Албанија, со кои ја споделуваме одговорноста за управување со ова прекугранично мешовито светско наследство. Воедно, Нацрт-Планот и Стратегиската оцена на животната средина се доставени за коментари и до центарот на светското наследство УНЕСКО.

Министерот за култура, Хусни Исмаили истакна дека станува збор за исклучително важни правни документи со чие донесување по 40 години од впишување на листата на светско наследство на УНЕСКО се прави вистинска пресвртница во пристапот за зачувување и одржливо и економско користење на потенцијалите на Охридскиот регион.

Nuredini_5Министерот без ресор задолжен за дијаспора, Едмонд Адеми истакна:

- Една од највисоките приоритети на владата на РСМ е зачувување на статусот на Охридскиот регион на листата на светско наследство на УНЕСКО. Чувствуваме должност, пред нашите граѓани, пред се, да не дозволиме понатамошно загрозување на природното и културното наследство на регионот и да воспоставиме систем за негово одржливо, стручно и организирано управување кое ќе спречи било какво уништување и узурпација на природните и културните ресурси на Охридскиот регион.

Според него, Планот и Извештајот се многу важен сегмент и ја формираат рамката на сите понатамошни активности во заштитеното подрачје.

Нацрт-Планот и Стратегиската оценка веќе се испратени во Центарот за светско наследство на УНЕСКО и неговите советодавни тела, од кои се очекува стручно мислење и придонес во насока на подготвување на документи за Охридскиот регион кои ќе бидат во целосна согласност со стандардите и препораките на УНЕСКО.

Јавни расправи за двата значајни стратегиски документи ќе се одржат и утре, 12.11.2019г., во градовите Охрид и Струга, со почеток во 12 и во 15:30 часот.

Периодот за јавна консултација трае 60 дена и завршува на трети декември оваа година, во кој период засегнатата јавност може да коментира по документот со што можат да придонесат за подобрување на Нацрт-Планот за управување и на нацрт извештајот за стратегиска оцена.

Документот пред јавноста го презентираа Ана Петровска, државен секретар во МЖСПП за делот животна средина и Зоран Павлов од Комисија за управување со културното и природното наследство на Охридскиот регион во делот на културното наследство.

Во текот на дискусиите од присутните беше изразена загриженост дали Планот за управување претставува доволна рамка за спречување на негативните трендови што се јавија во изминатиот период. За да се интегрираат сите конструктивни забелешки од засегнатата јавност ќе се организираат дополнителни состаноци со граѓански организации и надлежни институции за да може подетално да се разгледаат нивните коментари и препораки и да се обезбеди дека Планот, во синергија со постојните закони што ја регулираат областа, ќе обезбеди соодветна заштита и управување со ова светско наследство.