Одржана консултативна средба со градоначалници и претставници на општини и месни заедници од подрачјето кое го опфаќа идниот национален парк Шар Планина

Sar_PlaninaПо средбата со граѓанските организации, ова е втора консултативна средба со фокусирани целни групи како дел од процесот на консултации со јавноста по Нацрт-законот за прогласување на дел од Шар Планина за национален парк. Овие средби и претходат на онлајн јавната расправа која ќе се одржи на 5.11.2020г. во 13 часот на ЗООМ платформата и е отворена за сите заинтересирани страни.

Истакнувајќи ја важноста на процесот, министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини ги повика сите општини во регионот да го поддржат процесот, да бидат конструктивни во нивните забелешки со цел да се подобри нацрт- законот кој не е финализиран, туку напротив е предмет на консултации што имат за цел токму да ги слушнат коментарите на сите засегнати страни и да ги вградат во конечниот документ. При тоа Нуреди уште еднаш потенцираше дека целта е заедничка – заштита на животната средина, подобрување на животни стандарди и развивање на економијата.

Присутните беа информирани за концептот и содржината на Нацрт-законот за прогласување на Шар Планина за национален парк и упатени каде может да најдат детални информации наменети за локалното население и за начините како на наједноставен начин да ги достават забелешките/коментарите/сугестиите кои ќе бидат обработени и вклучени во финалниот Извештај за консултација на јавноста со образложение.