НУРЕДИНИ: Употребата на кеси за носење стоки драстично е намалена

Насер-НурединиНа денешниот брифинг за новинари, министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини ги информираше медиумите за првичните сознанија за ефектите од воведувањето на мерката за забрана на пуштање на пластични кеси за носење на стоки за еднократна употреба на пазарот во Република Северна Македонија, од Законот за управување со пакување и отпад од пакување од 1 декември 2021 година, како и  задолжителната наплата на биоразградливите кеси за носење на стоки што се произведени согласно пропишаните стандарди за биоразградливост од 15 денари.

„Со цел да бидеме транспарентни, ја споделуваме информацијата за количината на собраните средства од наплатени кеси во тек на месец декември, што изнесува 14, 413 милиoни денари“ изјави Нуредини, нагласувајќи дека и покрај тоа што беше очекувана многу поголема демотивација за купување на кеси, сепак првичните податоци обезбедени во соработка со големите маркети, покажуваат дека количината употребени кеси е драстично намалена. Во некои ланци на маркети имаме намалена употреба од 5 до 10 пати, а изразено во килажа станува збор за тонски количини на намален отпад од пластика. И покрај тоа што е потребно време за навикнување и прилагодување кон овие мерки, сепак позитивните промени на потрошувачките навики се очигледни, а податоците покажуваат и зголемен број на продадени торби за повеќекратна употреба.

Министерот Нуредини најави структурирање и донесување на Програма за инвестирање со која средствата би се вратиле во услужните дејности од кои сите граѓани би го почуствувале бенефитот. Се размислува, пред се за инвестирање во системот на селекција на отпад со што би им се помогнало на локалната самоуправа и на колективните постапувачи со отпад кои со новите закони имаат обврска да ја воспостават инфраструктурата за селекција. Покрај садови за селекција во општините, министерот Нуредини најави дека се размислува и за зголемување/поставување на истите и во заштитените подрачја.

Одговарајќи на новинарски прашања, во продолжение министерот Нуредини информираше за степенот на реализација на регионалните системи за управување со отпад и за предизвиците, нагласувајќи дека во услови кога веќе е подготвена целата документација и преговарањето за обезбедување на финансиски средства за конкретна изградба на модерните стандардни депонии е во завршна фаза, мора да се здружат силите и неопходните процеси на локално ниво да се завршат, бидејќи секое одлагање и ненавремено решавање на локалните проблеми значи враќање на почеток, губење на средствата, зголемување на проблемот со неконтролираното расфрлање на сметот и ја засегаат целата државата со сите плански региони.