Надлежните институции на координација за преземање на итни активности за заштита на Преспанското Езеро

Надлежните институции на координација за преземање на итни активности за заштита на Преспанското ЕзероДенеска на иницијатива на министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини се одржа итна координативна средба помеѓу градоначалникот и претставници на општина Ресен, научните институции, експерти и заинтересирани страни за надминување на состојбата на драстично намалување на нивото на водите на Преспанското Езеро.

На средбата беше заклучено дека Министерството за животна средина и просторно планирање ќе ја интензивира прекуграничната соработка со Албанија и Грција, користејќи ги сите расположиви дипломатски канали за реализација на трилатералниот Договор за заштита и одржлив развој на Паркот Преспа и за формирање на заедничко координативно тело за прекуграничното управување и мониторинг не само на водите на Преспанското Езеро, туку и целиот екосистем на Езерото.

Но, сепак во исто време ќе се работи на интензивно детектирање и реализација на активности за исполнување на националните обврски и можности за надминување на состојбите во Преспанското Езеро.

Заеднички беше ставот дека заштитата на Преспанското Езеро е процес на кој иако  и досега се работело, за да се добијат видливи резултати потребно е преземање на долгорочни, добро координирани, континуирани и финансиски покриени мерки.

Она што може да се направи веднаш,  е во најкус можен рок да се формира екпертска работна група, која ќе ги прибере и обработи сите постоечки податоци, и ќе даде научна проценка за причините за драстичното намалување на водостојот на Езерото.   Групата ќе испита и ќе даде мислење дали покрај природните причини- долгиот сушен период кој се одрази врз нивото на водите не само на ова езеро туку воопшто на водотеците во државата, има некои посериозни влијанија предизвикани од човечкиот фактор. За тоа беше заклучено дека придонес мора да има и од Министерството за земјоделство, водостопанство и шумарство. Пред се, неопходно е да се испита и да се дадат првични индикативни сознанија за можното влијание на земјоделието и користењето на бунарите за наводнување на земјоделските насади во оваа област. Истото ќе се испитува и во соседните држави.

На состанокот присуствуваше градоначалникот на општина Ресен д-р Живко Гошаревски, претставници на Македонското еколошко друштво, претставници на Хидробиолошкиот завод од Охрид, Инстиутот за Биологија при ПМФ, Шумарскиот факулетет, Факултетот за биотехнички науки од Битола, како и од невладини организции.