Министерот Нуредини ќе ја презентира националната климатска амбиција во Глазгов

Министерот Нуредини ќе ја презентира националната климатска амбиција во ГлазговВчера и денеска заедно со претседателот Стево Пендаровски учествувам на Светскиот лидерски самит, во рамките на климатскиот самит #COP26 во Глазгов, каде заедно со лидерите на државите во светот се презентираат националните климатски амбиции и акции. 

Во повеќедневната програма на климатските преговори, ќе учествувам и на различни тематски настани, каде сум поканет да го претставам ревидираниот национално определен придонес на Република Северна Македонија, препознаен како еден од поамбициозните ревидирани придонеси кон Договорот од Париз. Со овој придонес нашата земја се обврза за намалување на емисиите на стакленички гасови од 51% или изразено во нето емисии, во 2030 година, намалување од 82% во споредба со нивоата од 1990 година.

Во текот на денешниот ден ќе присуствувам и на лансирањето на Заложбата за ограничување на емисиите од метан на настанот во организација на претседателот на САД, Џозеф Бајден и претседателката на ЕК Урсула фон дер Лејен, поддржана и од Република Северна Македонија врз основа на претходно анализираните и усвоени политики и мерки во климатските стратешки документи.

На покана на грчката Влада, во попладневните часови ќе се обратам на настанот на високо ниво посветен на заштитата на културното и природното наследство од влијанијата на климатските промени, на кој ќе ги претставам националните студии и напори за конзервација на културното наследство и природни подрачја.