Министерот Нуредини оствари работна средба со амбасадорката на Романија, Моника Аксинте

На денешната средба меѓу министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини и романската амбасадорка Н. Е. Адела – Моника Аксинте беше реафирмирана континуираната поддршка што Владата на Романија недвосмислено ја дава за евроинтегративниот процес на Република Северна Македонија. Имено, Романија препознава голем потенцијал за нови инвестиции од страна на романските компании, особено за инвестирање во индустријата за рециклирање на отпад. Преку креирање на регионална економија, пазарот станува атрактивен за интернационалните компании.

Министерот Нуредини се заблагодари на поддршката од страна на Владата на Романија и ги презентираше можностите за соработка особено во полето на управување со отпад и управување со води. Продлабочување на билатералната институционална соработка во областа на животната средина, особено во делот на управување со отпад и води, се реализира врз основа на потпишаниот Меморандум за Разбирање меѓу Министерството за животна средина и просторно планирање на Република Северна Македонија и Министерството за животна средина и Министерството за води и шуми на Романија, потпишан во 2019 година.