Макрадули на глобалниот климатски самит во Полска

 Polska_makraduli(11.12.2018г.) Денеска, заменик министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули зема учество и говореше на денешната сесија од Дијалогот Таланоа кој се одржува во рамки на 24-тата конференцијата на ОН за климатски промени (COP 24) што од 9-14 декември се одржува во Катовице, Полска.

Во рамки на сесијата, заменик министерот Макрадули ја сподели својата приказна за моменталните предизвици со кои Република Македонија се соочува во областа на климатските промени

Тој нагласи дека функцијата заменик министер за животна средина на Република Македонија, нуди можност, но и одговорност да креира и имплементира социјални и економски политики за заштита на животната средина, со цел спречување на натамошно уништување на животната средина и градење на општество кое емитира ниско ниво на јаглерод.

Во своето раскажување, тој истакна:

- Република Македонија е една од 16-те најамбициозни држави кои всушност ги исполнуваат своите обврски од Парискиот договор, според анализите на NDC земјите, беше објавено во неодамнешна студија. Точно е дека треба да го сториме тоа за да овозможиме здрава животна средина за сегашните и идните генерации, како и да ги почитуваме барањата за пристапување во ЕУ и глобалната агенда. Дополнително, Владата на Република Македонија усвои амбициозен план, План за чист воздух за борба против аерозагадувањето. Во однос на технологиите и мерките потребни за нас да го сториме претходно споменатото, предвидовме повеќе од 40 политички мерки, и не само од еколошки, туку и од социјален и економски аспект. Покажавме со бројки дека повеќето од мерките се win-win мерки што дава големо значење на нашата заедничка мисија и мојата лична визија. Ја споделувам оваа приказна за да ги повикам земјите со повисок придонес кон глобалните емисии, да ги зголемат своите амбиции, да дејствуваат одговорно, да обезбедат алатки и финансии за останатите држави и да ја зголемат соработката кон постигнување на потранспарентно и партиципативно општество.

Дијалогот Таланоа е клучен меѓународен разговор во кој земјите и сите релевантни засегнати страни го следат напредокот во одржувањето на глобалните температури во безбедни нивоа и на вистинскиот пат до постигнување на нето-нулта емисија до средината на векот, како што е договорено со Парискиот договор за климатски промени. Дијалогот Таланоа претставува клучен меѓународен разговор и радикално отстапување од формалниот процес на преговарање преку создавање на отворен простор каде што државите, градовите, бизнисите, граѓанското општество, верските организации, домородните заедници, младинските групи и други можат да ги споделат своите идеи и искуства и да учат едни од други без страв од посочување на прст или обвинување.

На COP 24, делегати од сите држави потписнички на Рамковната конвенција на ОН за климатски промени (UNFCCC) ја дискутираат имплементацијата на Договорот од Париз како и активностите за задржување на глобалното затоплување под 2 степени целзиусови.