Заменик министерката Оџаклиеска ја отвори теренската обука за мониторинг и конзервација на Преспанската поточна пастрмка

ZamenikministerЗаменик министерката за животна средина и просторно планирање Христина Оџаклиеска денес ја отвори дводневната теренска обука која се одржува во рамки на проектот „Мониторинг и конзервација на ендемската и загрозена пастрмка (Salmo peristericus) во Националниот Парк Пелистер и Преспанскиот регион”.

- Обезбедувањето на поволна состојба на зачуваност на видовите и нивните природни живеалишта преставува приоритетна цел на МЖСПП. Се надевам дека резултатите и податоците од проектот ќе имаат апликативна функција во спроведување на политики за заштита на биодиверзитетот, ќе ја збогатат научната база на податоци за Преспанската поточна пастрмка и ќе придонесат за утврдување на состојбата со популацијата на овој вид во НП Пелистер и неговата околина. Податоците од проектот ќе дадат значаен придонес за ревидирање на Акциониот План за заштита на  Преспанската поточна пастрмка – истакна заменик министерката Оџаклиеска.

Теренската обука вклучува демонстрација на методологијата за ихтиолошките истражувања на Брајчинска и Кранска Река и е со цел подобрување на работењето и комуникацијата помеѓу засегнатите страни и нивната улога во мониторинг и конзервација на ендемската и загрозена пастрмка.

Проектот е финансиран од PONT (Prespa Ohrid Natuture Trust) и CEPF (Critical Ecosystem Partnership Fund), а имплементатор на проектот е Балканска Фондација за Одржлив Развој (БФОР) во соработка со Екосвест официјален парнер на WWF Adria.