Денот без автомобили одбележан во повеќе градови во државата

Денот без автомобили одбележан во повеќе градови во државатаСо велосипедски дефилеа во повеќе градови во државава, во кои учествуваа граѓани, ученици, рекреативци, ентузијасти и вљубеници во велосипедизмот и пешачењето, денеска во нашата држава беше одбележан 22 Септември – меѓународниот Ден без автомобили и завршувањето на Европската недела на мобилност (ЕНМ). Оваа година кампањата се спроведуваше под мотото „Безбедни и здрави со одржлива мобилност“ и е со цел да се промовираат алтернативните, одржливите и заедничките форми на транспорт како начин да се намали употребата на автомобили и да се редуцираат емисиите на штетни гасови во воздухот, со што би се остварила визијата на европската стратегија за декарбонизација.

Во велосипедските паради по градските улици и булевари во Велес, Прилеп, Скопје, Струмица, Битола и Берово се приклучија и повеќе граѓани, кои со своето присуство покажаа дека користењето на велосипеди и пешачењето стануваат сѐ поприфатени како поздрави и поекономични начини на движење низ урбаните средини. 

Европската недела на мобилност се одржа од 16-22 септември, под покровителство на Министерството за животна средина и просторно планирање како национален координатор, при што годинава и покрај сериозните потешкотии и ограничувања што ги наметна состојбата со КОВИД-19, во одбележувањето официјално се вклучија 7 градови низ државава, и тоа Велес, Скопје, Берово, Прилеп, Битола, Кочани и Струмица, се разбира во согласност со епидемиолошката ситуација на локално ниво и со почитување на важечките здравствени протоколи. 

Како информација, оваа година во Европската недела на мобилност со свои активности учествуваа 3042 градови од 53 држави од Европа и светот.