Со поддршка од Планот за чист воздух градинката „Пролет“ во Општина Карпош започнува да користи нов, еколошки систем на греење и ладење, преку користење термални пумпи кои работат на системот „воздух – вода“

nov_ekoloshki_sistem_gradinka_Prolet_1(13.01.2020г.) Со промената на системот на греење и напуштањето на нафтата, драстично ќе се намали нивото на ПМ10 честички во воздухот и емисијата на штетни гасови. Промената обезбедува замена на околу 16 тони нафта на годишно ниво со обновлив извор на енергија, што ќе значи 11 килограми помалку присуство на ПМ10 честички и намалена емисија на СО2 во воздухот.

Елиминирањето на изворите на загадување и промената на системите за загревање на јавните установи и институции е еден од клучните предуслови за почист воздух и системско решавање на проблемот со аерозагадување.

Дополнително, заштедите на објектот ќе се движат од 55 – 65 отсто во однос на досегашниот систем на греење со нафта. Исто така, предвидено е автоматско управување и контрола на системот, кој ќе користи евтина ноќна тарифа, одлука која е донесена од оваа Влада.

Со ова ќе се овозможи и создаде топол и удобен престој на децата во текот на целиот ден, додека во летниот период истиот систем ќе се користи и за ладење, со што ќе се заштеди струја од системот на инвертори што сега се користат во просториите на градинката.

Планот за чист воздух е план кој овозможува еколошка заштита и економска заштеда.