Успешно се отстрануваат опасните хемикалии од ОХИС

Успешно се отстрануваат опасните хемикалии од ОХИС 1Претставниците на компанијата Екоцентар 97 кои што денес се сретнаа со министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини и стручниот тим на МЖСПП информираа за активностите за безбедно отстранување на хемикалиите од локациите и производните погони од кругот на АД ОХИС Скопје.

Имено, до 2 март 2020г, реализирани се три од вкупно пет планирани извози на опасен отпад спакуван во соодветна амбалажа за меѓународен транспорт. До сега се отстранети околу 55 од вкупно 80 тони опасен отпад кој веќе е пристигнат и предаден во Валорек Сервисис АГ Базел, инсенератор во Швајцарија каде што на безбеден начин ќе се уништи. Останатите количини на хемиските супстанции се безбедно спакувани во соодветна амбалажа и се очекува во текот на наредните две недели успешно да се транспортираат и отстранат од државата.

Согласно обврските, компанијата Екоцентар 97 информираше дека е во фаза на подготовка на последната планирана активност – безбедно преточување и дислоцирање на хемикалијата Винил Хлорид Мономер за што веќе се потпишани договори со подизведувачи кои имаат долгогодишно искуство и се специјализирани во преточување на ваков вид на опасен отпад. На состанокот, од компанијата најавија можно пробивање на дадениот рок за отстранување на оваа хемикалија како резултат на комплексноста на зафатот и потребата од набавка на дополнителна опрема што има за цел да се овозможи максимална безбедност за процесот на препакување.