Билатерална средба помеѓу Министерот Нуредини и неговиот грчки колега Скрекас во Атина

Sredba_Nuredini_KrekasПри посетата на министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини на Атина, во рамки на Делфи Економик Форумот, тој оствари билатерална средба со неговиот грчки колега, министерот за животна средина и енергија на Република Грција, Костас Скрекас.

На средбата беа отворени клучните прашања од областа на животната средина од заеднички интерес, при што двајцата министри се заложија за посебна поддршка на општините во прекуграничниот регион за ефикасно искористување на прекуграничните ЕУ програми при аплицирање со конкретни заеднички проекти.

Една од главните теми за разговор беше алармантното ниво на водите во Преспанското Езеро за што беше договорена посебна трилатерална тематска средба на високо ниво помеѓу Република Албанија, Република Грција и Република Северна Македонија, односно отпочнување на работата на Преспа Парк комитетот во средината на јуни. Номинираните лица од трите земји во работните групи на техничко ниво до тогаш ќе ги обезбедат потребните податоци за нивно разменување и анализа на планираната средба.

Покрај Преспанското Езеро, беше разговарано и за подобро заедничко управување со водите на Дојранското Езеро и унапредување на користењето на водите за земјоделските потреби, како и планираните заеднички проекти за реката Вардар.

Грчкиот Министер изрази подготвеност за поддршка во подготовката и хармонизацијата на нашето законодавство со барањата на ЕУ, како и остварување на заеднички проекти во областа на управувањето на отпадот и примена на принципот на циркуларност.