Tрета јавна презентација на Планот за управување со сливот на Брегалница

DSC_0986Министерот за животна средина и просторно планирање Нурхан Изаири, швајцарскиот амбасадор во РМ,  Н.Е. Стефано Лазарото и градоначалникот на о. Кочани, Ратко Димитровски, се обратија на Третата јавна презентација на нацрт-планот управување со речниот слив на Брегалница, која денеска се одржа во Кочани.

- Преку имплементација на овој проект се спроведува во 15 општини од регионот на реката Брегалница, сигурен сум дека ќе се постигне стабилен социо-економски развој на регионот, стимулирање на индустријата, земјоделството и туризмот. Примената на Законот за води и подобрувањето на квалитетот на водата и на санитарните услуги во сливот на реката Брегалница се главниот очекуван резултат. Проектот служи како пилот проект за управување со водите низ целата територија на државата – изјави во таа прилика министерот Изаири.

Проектот е финансиран од Швајцарскиот државен секретаријат за економски работи, СЕКО, а имплементиран од  Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и општините од регионот.

Самиот проектот е составен од две компоненти: Изработка на План за управување со речниот слив и реализација на мали инфраструктурни проекти.

Конечната верзија на Планот за управување со речниот слив, која ќе содржи анализи на постојната состојба, но и сценарија за можната состојба со водните ресурси во следните 20 години, се очекува да се финализира најдоцна до септември 2015 год.

Што се однесува до малите инфраструктурни проекти, реализацијата од првиот повик е сеуште во тек. За потсетување, при првиот повик сите општини добија по 50.000 швајцарски франци, а реализацијата на одбраните проекти е во тек. Вториот повик се однесува за проекти од 50.000 до 500.000 швајцарски франци. Проектите од вториот повик се очекува да се реализираат заклучно со крајот на 2015 година.

Во рамки на посетата, министерот Изаири присуствуваше и на свеченото пуштање во употреба на нов бунар во бунарското поле Грдовски Орман, кој е прв целосно реализиран проект од првите 15 мали инфраструктурни проекти .

Бунарот, со кој се обезбедуваат нови 30 литри вода во секунда овозможува стабилен систем на црпење на водата и непречено снабдување со вода и во евентуалните шпицови во критичните летни периоди. Со овој бунар, вкупниот капацитет на целиот систем за водоснабдување е подигнат на 280 литри во секунда.