Ќе се расчистува дивата депонија во Арачиново

(27.10.2015г.) Денеска министерот за животна средина и просторно планирање Нурхан Изаири ја посети општина Арачиновo при што заедно со градоначалникот Брахим Ајвази излегоа на терен за да направат увид во состојбата со дивата депонија која се наоѓа на самиот излез од населеното место. Проблемот со оваа депонија повторно се актуализира во последниве денови поради постојаното полнење на депонијата предизвикано од нелегалното и неконтролираното фрлање на комуналниот отпад од страна на жителите на Арачиновои од проблемите со кои се соочува општината и комуналното претпријатије за чистење на овој отпад.

Во изјавата за медиуми, министерот Изаири информираше дека проблемот со депонијата во Арачиново ќе биде решен интегрирано и со воспоставување на регионалната депонија во Скопскиот регион, за што се обезбедени средства од европските ИПА фондови. Меѓутоа, со оглед дека постапката за изградба на регионална депонија во Североисточниот плански регион е во многу понапредна фаза што подразбира и набавка на соодветна механизација, министерот Изаири најави можност истата, интервентно да се искористи и за решавање на проблемот во Арачиново.