Уште шест населени места во општина Врапчиште ќе добијат канализациона мрежа

Vrapciste1(31.03.2016г) Министерот за животна средина и просторно планирање Нурхан Изаири и градоначалникот на општина Врапчиште, Бајрам Кадрија, денес потпишаа договор за финансирање на изработка на техничка документација за проекти кои ќе се реализираат во општина Врапачиште. Со договорот, во наредниот период треба да се изработи техничка документација со ревизија за канализациони системи во шест села каде ова прашање се уште не е решено.

Средствата во износ од три милиони денари се обезбедени со Програмата за инвестиции за животна средина на Министерството за 2016 година.

- За нас е многу важно да се решат отворените прашања и да се задоволат потребите на граѓаните, особено во делот на обезбедување на основна инфраструктура. Тоа е предуслов за подобрување на квалитетот на животот и за зачувување на животната средина, како во овој крај, така и на територијата на целата држава. Со изработена техничка документација, општината во иднина ќе може да аплицира и да бара финансиска поддршка за нивна реализација, изјави министерот Нурхан Изаири, по потпишувањето на договорот во зградата на општина Врапчиште.

Градоначалникот Кадрија искажа задоволство од досегашната добра соработка со Министерството, како и за поддршката која општина Врапчиште ја доби со потпишаниот договор. Тоа е особено важно за побрзо и поуспешно решавање на барањата на граѓаните доставени до локалната власт.

- Ова е значаен чекор во нашите напори да го подобриме животот на нашите сограѓани, но и грижата за здравјето и за природата. Покрај трите села за кои веќе е обезбеден канализационен систем, со овој договор ќе започне постапката за решавање на овој инфраструктурен проблем кој веќе подолго време е актуелен за уште шест поголеми населени мести во општината и тоа: Врапчиште, Добридол, Сенакос, Топлице, Неготино-Полошко и Градец. Станува збор за канализациона мрежа чија должина е околу 50 километри, рече градоначалникот на општина Врапчиште, Бајрам Кадрија.

Министерстот Изаири најави дека годинава се очекува да заврши изградбата на филтер станицата за водоводот во селото Врапчиште.