Тркалезна маса: Имплементирање на ЕУ директивите за квалитет на воздух

Денеска во Скопје се одржа првата средба на работната група за животна средина, во организација на Фондацијата Фридрих Еберт – канцеларија Скопје, а во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање. Фокусот на оваа прва работна средба беше на имплементирање на ЕУ директивите за квалитет на воздух.

На тркалезната маса учествуваше и заменик министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули кој се осврна на поврзаноста на активностите од Планот за чист воздух со ЕУ директивите.

- Загадувањето е проблем што ги мачи скоро сите држави во Европа и во светот, и настаните и конференциите од овој тип овозможуваат да се тестираат и надградуваат директивите, задачите и законите кои ја покриваат оваа област – рече Макрадули нагласувајќи дека без разлика за која држава во светот станува збор, активностите за намалување на загадувањето на воздухот, се исти: стимулирање на енергетска ефикасност, поврзување на централното греење, почисти индустрии, стимулирање на почист јавен транспорт, замена на стари печки со нови. Според него, Планот за чист воздух кој е усогласен со најдобрите решенија осмислени и веќе имплементирани во другите држави е најдобар пример за доследно спроведување на ЕУ директивите. 

Целта на работната група е да одржува редовни средби помеѓу претставници на институциите на централно и локално ниво, граѓанските организации, синдикати, академски претставници и претставници на меѓународни организации кои во својата работа се фокусираат на теми од областа на животната средина, за да овозможи платформа за добра комуникација и соработка меѓу истите, како и креирање на план за заедничко делување.

Крајна цел е да се идентификуваат чекорите до “Повелбата за животна средина”.