Странски донатори ќе помогнат во реализација на Планот за чист воздух

donatorskak_1Денеска во зградата на Владата на Република Македонија се одржа донаторска конференција со цел да се побара финансиска и техничка помош од меѓународните донатори во борбата против аерозагадувањето и спроведувањето на двегодишниот национален план со кој се очекува намалување на загадувањето за 50 проценти.

Националните средства што се обезбедени од Буџетот не се доволни за да се спроведе Планот за борба против аерозагадувањето, а потребна е и техничка помош и размена на позитивни искуства од европските држави во справувањето со овој глобален проблем.

„Аерозагадувањето претставува еден од најкомплексните, најсложени предизвици со кој се соочува Владата, за кој нема магични ад-хок решенија, туку напротив, само преку стабилна одржлива и долгорочна стратегија може да се справиме со овој предизвик“ – истакна во воведното обраќање вицепремиерот за европски прашања и националниот координатор на странската помош Бујар Османи, посочувајќи дека се работи за многу скап процес, за кој се очекува суштинска поддршка и од бројните донатори во насока на забрзана имплементација на Владината програма.

Министерот за животна средина и просторно планирање, Садула Дураки, ја потенцираше ургентноста на предизвикот, посочувајќи дека во изминатава декада, неколку градови од земјава, особено Скопје, Тетово и Битола се меѓу 10те најзагадени градови во Европа. Дураки потенцираше пред донаторите дека Министерството веќе работи со неколку донатори на повеќе иницијативи и дека очекува програмата на Владата да ги покаже првичните резултати во следните две години, како основа за изградба и на долгорочната стратегија за целосно справување со овој проблем. „Мерките за кои сега бараме средства треба да обезбедат намалување на загадувањето во големите градови и до 50%, што е вистински репер за проверка на успешност на оваа програма, како и основа за нејзина надградба во долгорочна стратегија“ истакна Дураки.

– Граѓаните не сакаат да загадуваат, но ние треба да им помогнеме и тоа ќе го направиме со субвенции за еколошки горива, со подигнување на енергетската ефикасност на објектот, со замена на печките на јаглен и се надевам дека ќе добиеме консензуална поддршка во Собранието да се донесе закон за забрана за користење јаглен како извор на затополување. Тоа ќе биде една драстично корисна мерка која не треба да се искористи од аспект на социјала, туку од аспект на заштита на животната средина како една од клучните компоненти – изјави заменик министерот за животна средина и просторно планирање и координатпор на интер-ресорската работна група за справување со аерозагадувањето Јани Макрадули. Според него, замената на старите и нееколошки системи за затоплување би дала најбрз резултат во однос на загадувањето бидејќи, како што посочи, четири различни студии покажале дека околу 46 проценти во загадувањето учествуваат домаќинствата кои не се греат само на дрва и јаглен, туку користат и пластика и гуми.

Макрадули додаде дека во борбата против загадувањето потребно е да се вклучат сите чинители на државата тргнувајќи од институциите до невладиниот сектор и граѓаните. Тој исто така ги посочи и чистењето на депониите, засадувањето на садници, засилените инспекции и заплената на нееколошки средства за затоплување како битни мерки во ефикасното справување со аерозагадувањето.

На донаторската конференција беа усвоени заклучоци за координација на странската помош наменета за справувањето со аерозагадувањето, како и интензивирање на комуникацијата со цел ефикасна распределба на средствата.