Со презентација на резултатите заврши ЕУ проектот за интегриран финансиски самоодржлив систем за управување со отпад во Пелагонискиот, Југозападениот, Вардарскиот и Скопскиот регион

3Денеска со претставување на резултатите се означи и официјалното завршување на на проектот финансиран од ЕУ за интегриран финансиски самоодржлив систем за управување со отпад во Пелагонискиот, Југозападениот, Вардарскиот и Скопскиот регион.

Во проектот кој траеше 24 месеци, беа вклучени 43 општини од четирите плански региони, во кои живеат приближно 1.200.000 жители и кои моментално годишно произведуваат приближно 330.000 тони отпад.

Изработени се повеќе студии и документи, како што се Регионални планови за управување со отпад, Стратешка оцена на животната средина, Физибилити студии, Анализи на трошоци, Оцена на влијанието врз животната средина, Основни проекти и помош при изработка на Тендерска документација за договори за работа и набавки за изградба на избрани инсталации за третман и отстранување на отпад, затворање на нестандардни/диви депонии и набавка на опрема за собирање и претовар на отпадот во согласност со стандардите на ЕУ.

Според в.д. директорката на Управата за животна средина Билјана Зефиќ, треба да се стремиме кон успешно имплементрирање на политиките за управување со отпадот,  првенствено кон решавање на проблемите со еколошки несоодветното одлагање на отпадот на општинските и останатите “диви” депонии, кои треба итно да се затворат, или технички да се надградат до стандардите утврдени со закон.

Изработената планска документација е основа за обезбедување на финансиски средства потребни за воспоставување на системот, а во меѓувреме ќе следат интензивни активности за затварање на дивите сметишта, како и изградба на објекти за соодветно складирање и претовар на отпадот.

Вредноста на проектот е 3,58 милиони евра.