Современите предизвици на геологијата во фокусот на Третиот конгрес на геолози на РМ

4(30.09.2016г.) Денес и во наредните два дена, во Струга се одржува Третиот конгрес на геолози на Република Македонија, во организација на Македонското геолошко друштво и Универзитетот „Гоце Делчев” од Штип, а потпомогнат од голем број компании и партнери.

Имајќи ја предвид долгата традиција на геолошката наука, како и актуелниот момент, носечките теми на Конгресот се поврзани со: Геологијата и општеството, Фундаменталната геологија и Геологијата и економијата,

Од пријавените трудови на Конгресот испечатен е Зборник, во кој на преку 700 страници се прикажани вкупно 105 оригинални научни трудови, подготвени од преку 350 автори и коавтори од Македонија, но и пошироко. Од нивната содржина може да се забележи поврзаноста на традиционалните истражни методи и примената на нови современи технологии и алатки при геолошките проучувања, вклучувајќи ги и најсовремени теренски и лабораториски инструментални методи, системи за обработка и чување на податоци, како и следење на параметри на животната средина.

Посебно значајно според д-р Соња Лепиткова државен секретар во Министерството за животна средина и просторно планирање и претседател на организациониот одбор, е ставање на геологијата во функција на заштита на животната средина и третирање на предизвиците, кои имаат глобална димензија.

-Акцентот на овој Конгрес е на геологијата и нејзината поврзаност со екологијата. Таа е поврзана со климатските промени, со земјотресите и со други феномени што денеска и се случуваат на планетата Земја. Во корелација е и со стакленичките гасови, потоа со загадувањето на воздухот, на подземните води, на почвата и многу други нешта со кои на глобално ниво се справуваме. Сакаме да покажеме дека геологијата и екологијата не треба да ги гледаме затворени во рамки на еден простор и една држава, туку како нешто многу пошироко, затоа што влијанието на процесите кои што ги опфаќаат овие науки неминовно е регионално и трансконтинентално, рече Лепиткова.

Поздравно обраќање имаше и ректорот на универзитетот „Гоце Делчев”, проф д-р Блажо Боев, кој во своето пленарно предавање даде посебен осврт на поврзаноста меѓу геологијата и климатските промени.

Помеѓу гостите се најдоа претставници од геолошката научна фела на Хрватска, Србија, Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија и Косово.