Се продлабочува француско-македонската соработка за „Натура 2000“

slider(28.11.2016) Во рамките на воспоставената билатерална соработка меѓу француското и македонското министерство одговорно за животната средина, Министерството за животна средина и просторно планирање на Република Македонија во соработка со Секретаријатот за европски прашања, Француската амбасада и Францускиот институт во Скопје, организираше работилница на тема “Размена на искуства помеѓу Франција и Македонија за Натура 2000 и  имплементација  на Директивите за живеалишта и птици“.

Искажувајќи благодарност на француската влада за добрата билатерална соработка во областа на животната средина која се реализира преку размена на искуства, но ипреку имплементирање на проекти од областа на животната средина, министерот за животна средина и просторно планирање Башким Амети во воведното обраќање истакна: „Министерството за животна средина и просторно планирање како ресорно министерство препознава дека една од најзначајните ЕУ политики и инструменти во делот на заштита на природата се ЕУ директивите за живеалишта и птици, кои од друга страна се основните правни механизми за воспоставување на Европската еколошка мрежа Натура 2000.Од таа причина Натура 2000 ја препознаваме како клучен сегмент во функционирањето на екосистемот, во зачувувањето на природните богатства, растителните и животинските видови и нивните природни живеалишта, кои се од посебен интерес и режим на заштита од ЕУ “.

На работилницата гостуваа двајца француски експерти, г-ѓа Лоренс Пујо, заменик регионален директор за животна средина, планирање и домување на Окситанија и г-ѓа Паула Фернандес, заменик директор за екологија во Окситанија.

За значењето на оваа соработка воведно обраќање имаше и амбасадорот на Франција во Македонија, неговата екселенција Кристијан Тимоние.