Се продлабочува соработката со Бугарија во заштитата на животната средина

(11.04.2019 г.) Денес во Софија, на покана на министерот за животна средина и води на Република Бугарија, Нено Димов, делегацијата на Министерството за животна средина и просторно планирање предводена од министерот Садула Дураки оствари билатерална средба со бугарските колеги.

На средбата се разменија искуствата и достигнувањата во областите на животната средина и се разгледаа можностите за продлабочување на заемната соработка меѓу двете соседни држави. Двајцата министри ја потенцираа подготвеноста да ги зајакнат добрососедски и пријателски односи и да ја продлабочат соработка во правец на зачувување и заштита на природните ресурси, но и во олеснување интегративните процеси на Република Северна Македонија кон Европската Унија. Како потврда на нивните заложби се потпиша Договор меѓу Министерството за животна средина и просторно планирање на Република Северна Македонија и Министерството за животна средина и води на Република Бугарија за соработка во областа животна средина и заштита на водите.

- Со потпишување на овој договор, нашите две земји го потврдуваат пријателскиот однос и се одличен пример во регионот за обединување и реализација на иста цел – заштита на животна средина и водите – истакна министерот Садула Дураки во своето обраќање.