Се интензивира соработката со Европската банка за обнова и развој

ebrd3(28.01.2019г.) Денес, министерот за животна средина и просторно планирање Садула Дураки, оствари работна средба со Лин О`Грејд, заменик раководител за локална инфраструктура и животна средина на Европската Банка за обнова и развој (ЕБОР).

На состанокот, се разговараше за поддршката што Република Македонија и Министерството за животна средина и просторно планирање ја имаат од ЕБОР во реализација на проекти за заштита на животната средина. Посебен акцент беше ставен на реализација на проектот за изградба на централна пречистителна станица за отпадни води за Град Скопје.

Иако проектот е во напредна фаза, со подготвена документација во 2017 година со поддршка на Француската Влада и компанијата ЕГИС, во моментов со поддршка на меѓународни финансиски институции како ЕБОР и ЕИБ се врши дополнување/ревизија на Студијата за изводливост, Оцената на влијание врз животната средина согласно барањата на меѓународните финансиски институции и подготовка на тендерската документација за Пречистителната станица за отпадни води за Град Скоје. Вкупната вредност на инвестицијата, за кој ЕБОР И ЕИБ пројавиле интерес изнесува 120 милиони евра. Градежните работи за истата ќе започнат во 2020 година.

Во моментов, преку Инвестициската рамка за Западен Балкан, во соработка на Министерството за животна средина и просторно планирање и ЈКП Водовод и канализација Скопје се одобрени грант средства во висина од 350,000 ЕУР за ЈКП Водовод и канализација, за воспоставување на оперативна структура и подготовка на фазата на имплементација.