Сервисерите на ладилна опрема добија бесплатна опрема за собирање и рециклирање на средства за ладење

DSC_0749Mинистерот за животна средина и просторно планирање Нурхан Изаириприсуствуваше на денешната акција за доделување на опрема за собирање и рециклирање на средства за ладење на бесплатно користење на сервисери на ладилни уреди. Опремата ја доделува Министерството за животна средина и просторно планирање/Канцеларија за заштита на озонската обвивка во рамките на имплементацијата на Планот за конечна елиминација на HCFC супстанциите.

Потенцирајќи дека оваа активност е дел од долгогодишната акција за елиминација на супстанциите што ја осиромашуваат озонската обвивка, со која се елиминирани повеќе од 99% од нивната потрошувачка во нашата земја, министерот Изаири истакна дека доделувањето на 35 комплета на опрема за собирање и рециклирање на средства за ладење на бесплатно користење на сервисерите на ладилна опрема е втора кампања со која се заокружува циклусот на активности поврзани со воспоставувањето на одржлив систем за управување со разладните средства.

Во првата кампања, 18 сервиси на ладилни уреди и 3 средни училишта добија софистицирана опрема за собирање и рециклирање на ладилни уреди, а според извештаите добиени од сервисите за минатата година, собрана и рециклирана е количина од 14.000 кг. разладни средства.

Во рамки на имплементацијата на Планот за конечна елиминација на HCFC супстанциите, за опремата за собирање и рециклирање на средствата за ладење Министерството за животна средина и просторно планирањеобезбеди финансиски ресурси во висина од 158.000 долари од Мултилатералниот фонд на Монтреалскиот протокол за супстанциите што ја осиромашуваат озонската обвивка.

Реализација на Планот на управување и елиминација на HCFC-супстанциите на Министерството за животна средина и просторно планирање во последните три години

При спроведувањето на Планот голем акцент се стави на обуката за управување и контрола на HCFC. Во оваа насока се спроведе обука на три целни групи: сервисери на разладни уреди, професори во средни стручни училишта и цариници. Во текот на обуката со теоретски и практични знаење се здобија 30 професори од сите средни технички училишта кои продуцираат кадар за сервисирање на разладна техника и повеќе од 280 сервисери на разладни уреди за добри практики во сервисирање, собирање и рециклирање на разладни флуиди, како и 100 цариници од сите царински испостави на територијата на Република Македонија за адекватна и брза контрола на овие супстанции на сите гранични премини на територијата на нашата држава.

Паралелно, со оваа активност Министерството за животна средина и просторно планирање работи на хармонизација на националната легислатива со легислативата на Европската Унија. Реагирано е во Законот за животна средина со посебни одредби каде јасно е дадена основата за развивање на подзаконски акти каде се прецизирани конкретни одредби за прометот со HCFC-супстанциите, приципите на собирањето и рециклирањето на разладните средства, како и превенцијата на ослободувањето на супстанциите што ја осиромашуваат озонската обвивка во атмосферата.

Заради олеснување на управувањето со оваа група на хемикалии Министерството за животна средина и просторно планирање изработи стручни прирачници за добра сервисна пракса и адекватна контрола на овие супстанции на граничните премини.

Не само тоа, сите стручни училишта каде работи обучен кадар добија демонстрациона опрема која им ја олеснува практичната настава во областа на ладењето и климатизацијата. Со задоволство може да се заклучи дека дел од овие училишта ја имаат оваа област какодел од редовната настава.

Што се однесува до секторот сервисирање, ова е втор пат Министерството за животна средина и просторно планирање да овозможи директно инволвираните чинители да добијат опрема за собирање и рециклирање на средствата за ладење.