РЕФОРМИ ВО СЕКТОРОТ ВОДИ: Се дефинира пакет на политики и инструменти за иден развој на одржливи инвестициски проекти

EU_Duraki1Во рамките на реформите во секторот води и проектот „Развој на национална студија за води“ денеска се одржа работилница на која беа презентирани идните политики и идентификувани инвестициите за управување во секторот, потребни за усогласување со директивите на ЕУ.

- Управувањето со водите е најскапиот сектор во европските интеграции – истакна министерот за животна средина и просторно планирање Садула Дураки во поздравното обраќање, истакнувајќи дека токму од таа причина Министерството спроведува значајна реформа со која ќе се зајакнат комуналните претпријатија на општините како главни чинители во управувањето со водите и ќе се воспостави систем кој ќе овозможи одржливо самофинансирање и подигнување на квалитетот на водните услуги што ги даваат овие претпријатија.

На работилницата акцент беше ставен на два суштински елемента: на политиките за управување со сектор води кои ќе се базираат на иновативните алатки на моделот Ribaman-5, со главен фокус на Индикаторите за управување со водите; и проценка на потребните инвестиции во секторот води, идентификување на можните извори на финансирање, предлог на критериуми за приоритизација на проекти кои треба да се имплементираат во пократок и подолг временски период, како и презентирање на временска рамка за имплементација врз основа на трошоците за имплементација, но и финансиските можности.

Во рамките на проекот во развој е долгорочна инвестициска програма која ќе ја идентификува потребната инфраструктура не само за водоснабдување, собирање и одведување, туку и за пречистување на отпадните води. Проценето е дека се потребни приближно околу милијарда и триста илијади евра, кои треба да се инвестираат во наредните 25 години. Програмата е поделена во три фази, секоја од по 7 години, а идентификувана е можноста за финансирање преку: ЕУ фондови; други меѓународни донатори; националниот буџет и придонеси од локалниот буџет.

Исто така, истражувањата ја нагласија потребата од добро планирање и зајакнување на капацитетите на сите чинители, а пред се комуналните претпријатија кои на крај ќе треба не само да ја преземат, туку и да управуваат со целата инфраструктура. Повеќе од 90 % од потребната инфраструктура ќе биде дадена на управување на јавните комунални претпријатија.

На работилницата присуствуваа претставници на други релевантни министерства и владини претставници, на донаторите, општините и јавните комунални претпријатија.