Резултатите од Европската недела на движење во Македонија препознати во Брисел

2(24.03.2015)Претставникот на Министерството за животна средина и просторно планирање и претставникот на Градот Скопје во последниве два дена престојуваат во Брисел на прогласувањето на градот победник на Европската недела на движење 2014. За најуспешен, на синоќешната свеченост, беше прогласен шведскиот град Остерсунд.

Активностите на Министерството за животна средина и просторно планирање во рамките на одбележувањето на Европската недела на движење за 2014 година беа оценети како мошне успешни. Пет македонски града во координација со МЖСПП официјално се вклучија во европската кампања, но многу поголем беше бројот на градовите, невладините организации, институциите и јавните личности од Македонија кои дадоа поддршка и се вклучија во одбележувањето на европскиот Ден без автомобили.

Градот Скопје со активностите кои ги спроведе во насока на намалување на загадувањето предизвикано од прекумерна употреба на автомобили, со пронаоѓање и реализирање на нови транспортни и инфраструктурни сообраќајни решенија, со создавање услови за помасовно користење на јавниот превоз, создавање услови за користење на велосипеди, пуштање во употреба на електромобили и електровелосипеди за туристичка намена и ред други активности, од европското семејство на градови беше препознат како еден од 10-те најуспешни од вкупно 377 кои конкурирале за наградата.

Посебно внимание, кај европските колеги, предизвика андроидната апликација Skopje Green Route со која на жителите и минувачите во главниот град им се даде можност да направат избор на најдобар, најефтин и најеколошки вид на транспорт во градот, а која беше презентирана во рамките на работилницата на која се претставуваа градовите и државите.

Министерството за животна средина и просторно планирање се надева дека овој успех на МЖСПП во улога на национален координатор и на градот Скопје уште повеќе ќе не доближи до европските стандарди на квалитетно урбано живеење и ќе биде мотивација за помасовно вклучување и на другите градови во државата и тоа не само за време на Европската недела на движење, туку во текот на целата година.