Пуштена во употреба постројката за добивање на енергија од биомаса на Штуловиот универзитет

2Ја поздравуваме одлуката на Универзитетот за Југоисточна Европа во Тетово да ја промовира употребата на обновливите извори на енергија, со кое и практично се реализира една од акциите на Планот за ниско-емисионен кампус и што се очекува да придонесе, макар и симболично, за ублажување на климатските промени, за што се потребни еколошки иновативни пристапи и технологии – изјави министерот за животна средина и просторно планирање Нурхан Изаири на свеченоста по повод одбележувањето на 13-годишнината од формирањето на Универзитетот и пуштањето во употреба на постројката за добивање на енергија од биомаса.

- Министерството за животна средина и просторно планирање како национален координатор за климатски промени, во академската заедница гледа партнер во реализирањето на активностите од областа климатски промени, која е многу комплексна и која бара партнерства со различни засегнати страни. Едукацијата и подигнувањето на знаењата за климатските промени се еден од клучните фактори за правилното справување со истите – истакна министерот Изаири во своето обраќање.

Универзитетот од употреба ќе го исфрли мазутот, а наместо него, за добивање топлинска енергија ќе се користи биомаса, односно пелети, со што значително ќе се придонесе за намалување на емисијата на стакленички гасови.