Продолжува доработкaта на документацијата за изградба на пречистителна станица за третман на отпадни води за Градот Скопје

Duraki1Денеска, министерот за животна средина и просторно планирање Садула Дураки, градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов и амбасадорот на Франција во Македонија Кристијан Тимоние го потпишаа Анексот на Меморандумот за разбирање за Студијата за финансирање и изградба и работа за пречистителната станица за отпадни води за Град Скопје.

- Со подготвувањето на потребната документација ќе се создаде можност за изнаоѓање на најдобриот начин за финансирање и изградба на пречистителната станица која севкупно ќе чини околу 120 милиони евра. Очекуваме дека договорот за градба на пречистителната станица ќе биде склучен најдоцна до 2020 година, за што и Владата на Република Македонија ја прифати иницијативата на Министерството за животна средина и просторно планирање за земање заем за нејзината изградба – изјави Дураки во своето обраќање.

Потпишувањето на Анексот на Меморандумот за разбирање кој започна во 2014 година, претставува продолжување на напорите на Министерството и Градот Скопје за доработка на документацијата за изградба на пречистителна станица за третман на отпадни води за Градот Скопје, кој воедно е и наголем создавач на урбани отпадни води.

Проектот преку соработка го спроведуваат Министерството за животна средина и просторно планирање и Градот Скопје, со финансиска поддршка од Владата на Република Франција.