Привршува изработката на драфт верзијата на А интегрирана еколошка дозвола за РЕК Битола

(16.07.2018) Заменик министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули оствари работна средба со менаџментот на РЕК Битола, како и со претставниците на невладините организации од Пелагонискиот регион. На средбата се разговараше за А – интегрираната дозвола, која долги години беше запоставена, односно за поефикасно спроведување на обврските кои произлегуваат од истата.

Во таа насока, се дефинираа дел од заедничките проекти од областа на заштитата на животната средина како што се десулфуризацијата односно намалување на SOx и прашина, одлагалиштата за пепел во РЕК Битола, санација на армирано-бетонски плашт и замена на азбест цементните елементи со нови еколошки материјали, т.е. изнаоѓање на најефикасен начин на третирањето на азбестниот отпад, како и пошумувањето во РЕК Битола за потребите за рекултивација на површинскиот коп и одлагалишта за јаловина и депонијата за пепел.